Хотел и ресторан Дениција

Инспирацијата за овој ресторан доаѓа од македонската “Химна на љубовта” – безвремената Дениција од Петре М. Андреевски како што Везилка беше инспирирана од Блаже Конески. Таа ја симболизира ѕвездата Деница, најсјајната на небото, симбол на светлината, плодноста и убавината.
Дениција е помалата сестра на Везилка, дизајнирана и водена од истиот тим кој успешно ја позиционираше меѓу најдобрите ресторани за свадби во Македонија. Тоа беше еден од главните предизвици при планирањето на Дениција, да се задржи препознатливиот дизајн и квалитет но и да се понуди нешто ново.
Формата и функцијата на просторот ја прават Дениција уникатна. Две сали кои функционираат одделно или заедно со минимален капацитет од 150 или максимален од 350 гости. Простор кој во лето е комплетно отворен и климатизиран, зиме затворен со најсовремена технологија на греење а оваа трансформација е можна за само неколку минути.
Концептот на фасадата е минималистички дизајн во бела и антрацитна сива боја, со детал на огради од перфориран лим обоен во златна платинеста нијанса. Дизајнот на оградата се надоврзува на дизајнот на плафонот во двете сали.
Впечатлива е атиката на понискиот дел којашто е испрекршена како би ја разбила монотонијата на целата слика. Високиот дел е хотелските соби којшто делумно е сив делумно бел. Главниот влез е надополнет со оникс на принцип на open-book како би го направиле влезот уште поимозантен.
Метатет студио како и секогаш, и овде обрна особено внимание на осветлувањето на целата фасада и влезовите како и на внесување на што повеќе зеленило во целата слика.

Автор

  • Елена Мартиновска, диа

Година на реализација

  • 2018

Фотографија

  • Васе Петровски Аманито