Стан бр.6

Овој проект беше целосно осмислен и изведен од дизајн студиото Метатет. Архитектот имаше целосна слобода во изборот на бои, дизајни, декор елементи и се што е вградено во овој простор.
Почетна точка беа шарените ѕидни плочки во кујна, како и во многу други проекти на ова студио. Наспроти овој момент со многу хаотични бои и дезени, се друго е со смирени, пристојни и земјани бои со цел да се долови пријатен амбиент за четворочлено семејство. Употребувани се материјали како медијапан, фурнир, кожа, мермер и камен. Особено значење е придадено на етанолскиот камин изѕидан со емитација на кршен камен, чијашто позиција е видлива од сите агли во дневниот престој. Исто така централно место во овој простор завзема и кружниот дел кој служи за читање, пиење кафе и одмор а е оплеменет со две удобни фотељи со поглед кон крстосницата на улица. За уште попријатно чувство во овој дел допринесуваат и трите салонски цвеќиња, таканаречените Бенџамин коишто се поставени меѓу прозорците.
Спалната соба е дизајнирана од иверка со текстура на дрво на основа со земјани бои. Панелите од четири различни иверки се смислени така што креветот е слеан со облога на ѕидот и амбиентално надсветло. На истиот принцип се изработени и наткасните како и плакарот со внатрешни фиоки. За да се разбие монотонијата во овој простор е додадена и сината боја која може да се види на завесата како и на репродукцијата од импресионистот Анри Матиз.
Во едната детска спална се наоѓа специјално дизајнираниот плакар инспириран од Композициите на Пит Мондриан. Во ходникот пак е испринтан мотив од бамбусово дрво на плакарот со цел да се внесе свежина во просторот уште на влез.
Во целиот простор е посветено особено внимание на осветлувањето. Најспецифично е во ходникот меѓу дневниот престој и спалната соба кајшто наместо плафонско светло се вградени лед-диоди во полиуретанска декоративна лајсна на висина над вратите како би го осветлувале целосно плафонот. Споменатите лајсни се обоени во иста нијанса на сива боја како високите подни лајсни и медијапанските врати од собите.

Автор

  • Елена Мартиновска, дипл.инж.арх.

Фотографија

  • Андријана Тилиќ

Локација

  • Скопје

Година

  • 2014