Рибен ресторан „Фиш“

Рибниот ресторан Фиш изобилува со голема дворна површина и сопствен рибник. Внатрешниот дел се простира на две нивоа. Горното ниво има и трем по должина на целиот објект. Концептот на ентериерот е модерен амбиент на приземјето, а потопла атмосфера во подрумската просторија која се третира како винарија.  На приземјето ѕидовите се облепени со сосема дискретен тапет со текстура што наликува на жабри на риба, со цел да се запази симболиката. Овде се издвојуваат и лустерите кои се смислени и произведени само за овој простор. Подрумот пак е збогатен со камин на дрва и пиjано. Може да се забележат и четири слики со мотиви од четирите временски сезони, дела на реномиран македонски автор, кои датираат од раните 90ти години. Исто така е изработена и плафонска слика во истата техника со помодерен мотив. И на двете нивоа масите се дизајнирани и произведени во контекст на ентериерното решение. Вината од сите македонски винарии се распоредени насекаде по ѕидовите  на полици смислени специјално за овој простор. Дизајнот на полиците се продолжува и на шанкот, како и на парапетот на ѕидовите и столбовите. Покрај локалните материјали, дрво и цигла, употребено е модерно осветлување како и модерни керамички плочки на шанковите. Најголем акцент е даден на осветлувањето во целиот ресторан, со тоа што е користено скриено светло зад полиците, под шанковите, позади сликите и во изжлебаниот медијапан со логото на Фиш челно на скалите.

Автор

  • Елена Мартиновска, Дипл.инж.арх

Фотографија

  • Андријана Тилиќ

Локација

  • Скопје

Година

  • 2014